Организациската структура може да биде еден од изворите на конкурентската предност на компанијата, но и бариера за успешен бизнис. Многу е важно менаџментот на компанијата да ја дизајнира организациската структура на начин кој одговара на неговата компанија. Организациската структура е рамка преку која се одвиваат деловните процеси во кои се создава вредност за потрошувачите и се воспоставува конкурентска предност. Како таква, организациската структура може да ја олесни и поттикне супериорноста во извршувањето на деловните процеси и нивната изведба, но може и да ги блокира и да ја направи компанијата не ефикасна.

При изработката на организациската структура треба да се земат многу фактори во предвид. Од  димензиите на структурата, преку факторите кои треба да се земат предвид при дизајнирањето па се до моделите на организациска структура кои можат да се применат во компаниите.

За менаџерите на највисоките позиции, средните позиции како и оние на пониските, посебно е важно да ги познаваат методите и техниките на дизајнирање на структурата на компанијата на сите нејзини нивоа.

Да се направи организациска структура не значи само да се нацрта графиконот на компанијата односно на нејзините работни позоции.

За дизајнирањето на организациската структура постојат неколку елементи и постапки што треба да бидат запазени за да се оствари посакуваниот успех.

Организациската структура треба да содржи:

  • Поделба на вкупниот процес на работа помеѓу поединците и групите. 
  • Формирање на одделни сектори во форма на работни групи и определување на нивните задачи.
  • Формирање на организациска хиерархија со која се определува авторитетот и одговорностите во рамките на компанијата. 
  • Координација на активностите на одделните сектори и останатите работни групи и нивна интеграција во една кохерентна средина.

Организациската структура го обликува организациското работење на два начина.
Прво, се воспоставува рамката во која се сместени стандардните операции и процедури во работењето на компанијата.
Второ, определува во кои активности и процедури на одлучување учествува секој поединец во компанијата.
На овој начин, вработените во компанијата имаат појасен поглед за работењето на самата компанија и нејзиното окружување, како и тоа како  можат да дадат подобра проценка на идните перспективи на компанијата.